Thursday, May 15, 2014

Корисни совети и занимливости во однос на употребата на антибиотиците

Во 1928 англискиот научник Александар Флеминг работел во лабораторија со култури од бактерии. Кога еден виде мувла, наречена пеницилин, случајно инфицирала друга култура, Флеминг приметил дека е уништена бактеријата околу неа. Испитувањата покажале дека мувлата произведува супстанција што ги убива најчестите бактерии и Флеминг таа супстанција ја нарекол пеницилин. Она што е многу важно е дека пеницилинот не ги уништува живите клетки во организмот, за разлика од антибиотиците кои биле откриени пред него.
Александар Флеминг, откривачот на првиот антибиотик
Пред Александар Флеминг да го пронајде пеницилинот во 1928 година, многу луѓе умирале од обични рани и инфекции. Така, 18% од американските војници починале од пневмонија во Првата светска војна, но во Втората светска војна, по откривањето на пеницилинот, од истата болест починале само 1% луѓе. Научникот Селман Ваксман и неговиот студент Алберт Шац откриле друг антибиотик, односно тие го откриле стрептомицинот, кој бил наменет за болните од туберкулоза.
Црвеното грло може ефикасно да се излечи и со пиење на прополис, така што се капнуваат неколку капки на мала количина шеќер. Потоа се додава во една лажичка или пак уште подобро, се додава во една лажичка мед. Превентивно, секогаш треба да употребуваме ехинацеа, бидејќи истата претставува моќен имуностимулатор. Истовремено, ехинацеата го подготвува нашиот организам да стапи во можната борба со определени микроорганизми. 
Кога веќе е неизбежно да се употребуваат антибиотиците, треба да внимаваме со што ќе ги комбинираме, а ова треба да се направи и со било кој друг лек, кој ни е ординиран од страна на лекарот. Имено, секогаш мора да се придржуваме до режимот на дозирање на лекот, односно треба да знаеме правилно да го дозираме бидејќи ако заборавиме да се напиеме антибиотик или пак, едноставно, самоволно ја прекинеме терапијата, тогаш инфекцијата во нас е сеуште неискоренета. Понатаму, таа инфекција може да предизвика уште посериозни последици. Откривањето на различните видови на антибиотици значително го зголеми животниот век на луѓето, но треба рационално да ги користиме зашто бактериите секојдневно стануваат се повеќе отпорни и како резултат на тоа неопходно е да се синтетизираат и откриваат нови антибиотици, што претставува голем проблем во медицината и фармацијата. Затоа:
  1. Антибиотикот не е антипиретик, тој не се користи за намалување на температурата, па затоа не употребувајте го при покачена температура!
  2. Антибиотикот не е аналгетик, тој не ја намалува болката, па затоа не употребувајте го доколку чувствувате било каква болка.
  3. Неговата несоодветна употреба може да предизвика појава на несакани дејства и интеракции, како и создавање на резистенција.
  4. Размислете за друг избор, пред да земете антибиотици!

Режим на исхрана при терапција со антибиотици

Доколку ни се ординира некој антибиотик, важна работа на која треба да обратиме големо внимание е секако исхраната. Имено, некои состојки од храната може да реагираат заедно со некои делови од кои е составен лекот и како резултат на таа реакција да се јави проблем, односно може да дојде до инхибирање на дејството на антибиотикот, забавување или забрзување на дејството на антибиотикот или пак, појава на сериозни компликации.
Карактеристичен пример за лек – храна интеракција имаме кај тетрациклините. Па така, кога лекарот ќе ни ординира некој антибиотик од групата на тетрациклини (Вибрамицин), тогаш не треба истиот да го земаме со млеко, а притоа треба и да избегнуваме млечни производи бидејќи тие се богати со калциум (двовалентен катјон), па така калциумот може да се врзи со тетрациклинот и да формира соединенија (хелати) кои ќе се таложат во организмот, особено во забите и ќе предизвикаат оштетување на истите. Токму поради оваа причина, секогаш треба да се консултираме со матичниот лекар и фармацевтот за тоа која храна треба да ја избегнуваме додека се наоѓаме на терапија со дотичниот антибиотик.
Една студија покажала дека е многу опасно доколку лековите се комбинираат со сок од грејпфрут. Ваквата опасност се должи на специфични соединенија кои се означуваат како фуранокумарини и кои се наоѓаат во сокот од грејпфрут. Имено, тие може да предизвикаат лековите побрзо да навлезат во крвотокот и овде да се концентрираат на многу високо ниво и како резултат на тоа да предизвикаат штетни последици по самиот организам. Такви лекови кои може да дадат волку опасни резултати се лековите за контрола на крвниот притисок и лековите за намалување на холестеролот.
Многу е битно дека ниеден лек не треба да се пие во комбинација со алкохол, бидејќи последиците од таквата комбинација може да бидат фатални, односно може да дојде и до појава на смрт.

Најчести грешки во примената на антибиотиците

Во однос на антибактериската терапија, односно терапијата со антибиотици, треба да се напомене дека постојано се прават едни исти грешки. Како резултат на тоа се јавуваат голем број на несакани ефекти, а секако можна е и појава на отпорност, односно резистентност кон антибиотиците. Затоа, неопходно е да се запознаеме со тие грешки и еднаш засекогаш да престанеме да ги практикуваме. Такви грешки се:
  1. Давање на антибиотик при секое покачување на телесната температура;
  2. Избор на несоодветен антибиотик;
  3. Несоодветно дозирање на антибиотикот;
  4. Несоодветен начин на примена на антибиотикот;
  5. Продолжено лечење и после појавата на тешки несакани ефекти;
  6. Продолжено лечење и после појавата на резистенција кон антибиотикот;
  7. Продолжено лечење и после појавата на суперинфекции;
  8. Употребата на антибиотиците во профилаксата;
  9. Употребата на антибиотиците кај болести, на чиишто причинители, антибиотиците не делуваат;
  10. Давање погрешна комбинација на антибиотици;
  11. Употребата на антибиотиците при вирусни инфекции.
Ова се само неколку од повеќето грешки кои се прават при примената на самите антибиотици. Секогаш треба да се стремиме кон избегнување на овие грешки, а тоа најдобро можеме да го направиме со избегнување на употребата на антибиотиците, односно треба да размислиме за друг избор, пред да земеме антибиотик. Доколку пак антибиотикот е неопходен, тогаш истиот рационално треба да го примениме.