Thursday, May 15, 2014

Режим на исхрана при терапција со антибиотици

Доколку ни се ординира некој антибиотик, важна работа на која треба да обратиме големо внимание е секако исхраната. Имено, некои состојки од храната може да реагираат заедно со некои делови од кои е составен лекот и како резултат на таа реакција да се јави проблем, односно може да дојде до инхибирање на дејството на антибиотикот, забавување или забрзување на дејството на антибиотикот или пак, појава на сериозни компликации.
Карактеристичен пример за лек – храна интеракција имаме кај тетрациклините. Па така, кога лекарот ќе ни ординира некој антибиотик од групата на тетрациклини (Вибрамицин), тогаш не треба истиот да го земаме со млеко, а притоа треба и да избегнуваме млечни производи бидејќи тие се богати со калциум (двовалентен катјон), па така калциумот може да се врзи со тетрациклинот и да формира соединенија (хелати) кои ќе се таложат во организмот, особено во забите и ќе предизвикаат оштетување на истите. Токму поради оваа причина, секогаш треба да се консултираме со матичниот лекар и фармацевтот за тоа која храна треба да ја избегнуваме додека се наоѓаме на терапија со дотичниот антибиотик.
Една студија покажала дека е многу опасно доколку лековите се комбинираат со сок од грејпфрут. Ваквата опасност се должи на специфични соединенија кои се означуваат како фуранокумарини и кои се наоѓаат во сокот од грејпфрут. Имено, тие може да предизвикаат лековите побрзо да навлезат во крвотокот и овде да се концентрираат на многу високо ниво и како резултат на тоа да предизвикаат штетни последици по самиот организам. Такви лекови кои може да дадат волку опасни резултати се лековите за контрола на крвниот притисок и лековите за намалување на холестеролот.
Многу е битно дека ниеден лек не треба да се пие во комбинација со алкохол, бидејќи последиците од таквата комбинација може да бидат фатални, односно може да дојде и до појава на смрт.

No comments:

Post a Comment